Претходна статија
Почнува втората фаза од реализацијата на колекторскиот систем во Кочани
Следна статија
ФЕЉТОН: Планот за центарот на Скопје по земјотресот и Кензо Танге - судир на идеи, мислења и суети (11)

Неизвесност околу изградбата на „Чебрен“ и „Галиште“

Објавено на 10.12.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

 

Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) без конкретни најави за тоа дали и кога ќе се избере приватен концесионер што треба да ги гради хидроелектраните „Чебрен“ и „Галиште“ на реката Црна. Иако доставивме конкретни прашања до ЕЛЕМ, „Билд“ не доби одговор за текот на постапката за избор на компанијата што би ги градела двата енергетски капацитети. Краен рок за избор на приватниот концесионер е почетокот на 2018 година, а ако повторно пропадне, државата ќе треба да распишува рекорден 14 – ти тендер за овие важни проекти од енергетиката.

 

 

Од Министерството за животна средина и просторно планирање информираат дека претходната влада формирала работна група, која го подготвила и јавниот повик за пројавување интерес за изградба на двете хидроелектрани. „Согласно повикот за пројавување на интерес, заинтересирани компании беа поканети за пројавување на интерес за проектирање, изградба и концесионирање на ХЕЦ Чебрен и ХЕЦ Галиште и за дефинирање на техно – економски решенија за ХЕЦ за кои би биле заинтересирани за изградба и управување“ велат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

 

Од ЕЛЕМ во април годинава излегоа со информација дека 30 компании пројавиле интерес и доставиле 14 технички решенија за искористување на хидро потенцијалот на реката Црна. Од државната енергетска компанија засега не излегуваат со информации за тоа која компанија би можела да се избере како иден концесионер за двете хидроелектрани. За да го избере најповолниот понудувач, ЕЛЕМ ќе треба да ја следи физибилити студијата, која како документ требаше да утврди кое од понудените технички решенија за хидроелектраните е најсоодветно.

 

Иако се ветуваат речиси пет децении наназад, државните власти не успеаја да ја реализираат изградбата на хидроелектраните „Чебрен“ и „Галиште“. Претходното владино раководство остана препознатливо по започнатите, но неуспешно завршени тендери за изградба на овие енергетски објекти. Овие тендерски постапки пропаѓаа цела деценија во континуитет. Ако успешно се заврши тековниот јавен повик, нашата земја со двете идни хидроелектрани може да биде на добар пат да го изгради најголемиот енергетски капацитет според неговата моќност, во периодот од нејзиното осамостојување до денес.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk