Претходна статија
Модернизираната ХЕ „Вруток“ годишно ќе произведува 50 GWh повеќе
Следна статија
И Радовиш ќе добие слободна економска зона

Наскоро обнова на 10 железнички станици

Објавено на 01.08.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Железничката станица во БитолаЕвропската комисија, која ја финансира реконструкцијата на 10 железнички станици во Македонија долж пан – европските коридори 10 и 10Д, денеска на својата интернет страница објави оглас за заинтересирани изведувачи кои би го реализирале зафатот. Целта на проектот е подобрување на целокупниот квалитет на услугите за патниците и карго – превозот, зголемувајќи ги техничките стандарди и капацитети на опфатените 10 станици:  Велес, Прилеп, Битола, Гевгелија, Богомила, Чашка, Табановце, Демир Капија, Градско и Неготино – Вардар. Краен рок за поднесување на понудите е до 30 септември.

 

Предвидено е реновирање и надоградба на сите главни елементи на железничките станици, како што се водоводната и електричната инсталација, вклучувајќи ги и внатрешното и надворешното осветлување, санитариите, инсталација на системи за греење и ладење, системи за противпожарна заштита, патнички информативен систем, како и подобрување на пристапноста за товарен транспорт и достапност и поврзување со патниот транспорт (јавен и индивидуален). Посебно внимание при реализирањето на овој проект ќе се обрати на подобрувањето на пристапноста за лицата со намалена подвижност.

 

Исто така е предвидено да бидат целосно заменети крововите и подовите, ќе се санираат фасадите и внатрешните ѕидови, ќе биде поставена нова термичка изолација и ќе се изградат нови тоалети кои ќе бидат посебно оспособени за користење и од страна на инвалидизирани лица. На платото пред влезот во железничките станици од страна на улицата се предвидува рампа за непречен пристап, а поради сигурност платото е предвидено да се поплочува со тактилна предупредувачка лента по рабовите. Со оглед на моменталната катастрофална состојба во која се наоѓаат помалку или повеќе сите железнички станици во државата, овој проект е повеќе од потребен.