Во претстојниот период ќе стартуваат градежните работи врз новиот објект на Богословскиот факултет во Охрид, кој е составен дел од проектот за возобновување на Свети Климентовиот универзитет на Плаошник. Градежната маркичка се наоѓа на северозападната страна на археолошкиот локалитет, веднаш до поликонхалната базилика. Во изјава за порталот „Охрид Њуз“, директорката на Завод и музеј – Охрид, Тања Паскали Бунташеска, вели дека археолошките истражувања на локалитетот се завршени, со што се создадени услови за поставување на темелите на зградата. Најновиот објект од проектот Свети Климентов универзитет доаѓа по веќе отпочнатата изградба на резиденцијата на Македонската православна црква и на Музејот на Плаошник, Свети Климентовата библиотека и Центарот за хуманистички науки. Остварувањето на градежните активности се одвива според препораките на УНЕСКО, со намалување на бројот на градбите и на нивната катност. Секој од предвидените објекти во моментов се наоѓа во различна фаза на реализација.
Изведувачи на градежните работи се фирмите „Митан пром“ од Охрид и „МЗТ инженеринг“ од Битола, а досегашната финансиска конструкција на проектот изнесува 11,3 милиони евра. Крајниот рок за целосно завршување на Свети Климентовиот универзитет е крајот на 2017 или почетокот на 2018 година.
» Форумска дискусија за Св. Климентовиот Универзитет на Плаошник