Претходна статија
Две постари згради во Карпош 4 ќе добијат нови фасади
Следна статија
Населбата Жданец годинава со нов иновативен сквер

Наскоро ќе се гради пешачка патека околу Преспанското езеро

Објавено на 27.01.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Нов инфраструктурен објект за развој на туризмот на Преспанското езеро. Со финансиски средства од државниот буџет, во наредните осум месеци ќе се гради пешачка патека околу ова природно езеро. За таа цел, Министерството за транспорт и врски денес објави тендер за избор на градежна компанија што ќе го изведе планираниот зафат. Проценетата вредност на пешачката патека околу Преспанското езеро е заокружена на 44.656.271 денари, односно околу 720.000 евра без вклучен ДДВ. Тендерот за доставување на понуди од градежните компании е отворен до 19 февруари, по што ќе се избере најповолниот понудувач. Ако непречено се одвива целокупната постапка, Преспанското езеро треба да го добие зацртаниот инфраструктурен објект најдоцна до крајот на 2016 година.

 

 

 

Изведбата на пешачката патека околу Преспанското езеро е дел од владиниот проект за изградба на вакви инфраструктурни објекти на природните и на вештачките езера во земјава. Поранешниот министер Миле Јанакиески го промовираше проектот во 2010 година, посочувајќи дека со него ќе се зголеми интересот за посета на овие локалитети од домашни и странски туристи. Вредноста на проектот беше проценета на 1,5 милиони евра, додека неговата реализација беше предвидено да се одвива во четири фази. Во изминативе шест години беа изведени само дел од планираните зафати, вклучувајќи ги пешачките патеки околу Дојранското, Мавровското и Беровското езеро.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk