Наместо комерцијално – деловен објект, на примамливата локација до новата зграда на Министерството за надворешни работи ќе се гради идното седиште на Народната банка на Република Македонија (НБРМ) [»мапа]. Владата на седницата одржана на 3 јануари донесе одлука на централната банка да и го додели градежното земјиште на трајно користење. Народната банка деновиве го објави и огласот за изработка на идеен проект, основен проект и друга проектна документација за планираното здание. Понудите од архитектонските бироа треба да се достават најдоцна до 30 јануари, за кога е закажано и нивното јавно отворање. Најниската цена е наведена како основен критериум за доделување на договорот. Ваквиот расплет на ситуацијата следува откако НБРМ ја врати понудената парцела на Плоштадот „Македонија“, на која требаше да се гради новата административна зграда и истовремено се одлучи да ги одбие понудените архитектонски дела од распишаниот Конкурс за избор на идејно решение.
Планираната административна зграда со приземје, седум ката и поткровје ќе се реализира на градежна парцела со површина од 4.340 метри квадратни, а објектот ќе има вкупна површина од 24.219 метри квадратни. Пред влезот на банката е предвидено да се изгради фонтана со обелиск. Од кабинетот на гувернерот Димитар Богов денеска излегоа со соопштение во кое нагласуваат дека доделеното градежно земјиште лоцирано на улицата „Филип Втори“ има потенцијал да ги задоволи барањата од Проектната задача, изработена од страна на Градежниот факултет. Атрактивната локација кај објектот на Македонската опера и балет пред четири години беше предмет на тужби помеѓу Министерството за транспорт и врски и австриската компанија „Алпине“. Надлежното министерство по разрешувањето на судскиот спор успеа да ја врати парцелата во државна сопственост .