Претходна статија
ФОТО ВЕСТ: Заврши изградбата на елитната населба „Верина“
Следна статија
„Гранит“ ќе работи на третата фаза од реконструкцијата на патот Велес - Кадрифаково

Наместо странци, македонски фирми ќе ја либерализираат железницата

Објавено на 21.07.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Големите компании, како што се Југохром, ФЕНИ и Макстил, во иднина би можеле самите да го организираат железничкиот транспорт на стоки за сопствени потреби. До Собранието на Р.М. е поднесен Предлог – закон за измени и дополнување на Законот за железнички систем, кој на денешното прво читање доби поддршка од собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија. Наместо странски или домашни оператори што би им биле конкуренција на Македонски железници – Транспорт, со законот се предвидува домашни компании да организираат сопствен превоз во железницата, под услов да имаат своја композиција и обучен кадар со сите безбедносни сертификати.

 

 

 

Со предложените измени се предвидува и промена на дефицијата за превозот за сопствени потреби. Новите законски прописи би го дефинирале овој вид превоз како транспорт на резервни делови, репроматеријали и опрема наменети за вршење на дејноста на правното или физичкото лице за која тоа е регистрирано. Покрај зголемувањето на конкурентноста во железничкиот сообраќај, засега останува непознато како овие измени ќе влијаат врз функционирањето на единствениот моментален превозник во земјава, Македонски железници – Транспорт, која долги години опстојува преку давање на субвенции од страна на државата. Оваа компанија обезбедува најголем дел од своите приходи во работењето токму преку превозот на стоки од големите македонски компании.

 

Македонската влада пред повеќе од две години го одложи процесот на либерализација на железничкиот сообраќај до влегувањето на земјава во Европската унија. Овој потег тогаш беше осуден од компаниите Словенечки железници и Локо транспорт од Чешка, кои беа заинтересирани да влезат како приватни оператори кои би биле конкуренција во превозот на стоки со воз. Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески тогаш ја бранеше владината одлука со тврдењето дека двете државни железнички претпријатија се наоѓаат во тешка состојба и со големи долгови. Во меѓувреме, превозот на стоки и на патници со железница дополнително опадна во текот на 2012 и на 2013 година.