Идејата за реконструкција на Универзалната сала дефинитивно се напушта. Министерството за култура денеска објави Конкурс за избор на идејно решение за нов објект на местото на постоечкиот, со капацитет за 2.500 до 3.000 гледачи, паркинг простор и канцелариски простор. Од архитектите се бара во идејното решение да применат оригиналност, иновативност и изводливост, со почитување на мерките за енергетска ефикасност и економичност на објектот, како и да се обезбеди функционална организација на просторот и квалитет на релациите помеѓу сите предвидени содржини и со непосредното опкружување. Авторските проекти треба да се достават до министерството најдоцна до 12 јули. За победничкиот труд е следува награда од 250.000 денари, а предвидена е и втора награда во износ од 200.000 денари и трета награда во износ од 150.000 денари.
извор: Влада на РМ
Првичните проценки за изградба на новата Универзална сала покажаа дека во неа би требало да се вложат околу 14 милиони евра, информации кои беа објавени од Министерството за култура во текот на март годинава. Градот Скопје ветуваше реконструкција на познатата арена за културни настани уште од октомври 2007 година. Властите тогаш најавуваа дека изведбата на зафатот би чинела околу 3 милиони евра. Македонската влада се вклучи во остварување на овој проект во август 2012 година, со проценка дека за реконструкцијата на Универзална сала ќе треба да се одвојат 6,5 милиони евра од државниот буџет.