Агенцијата за млади и спорт денеска објави тендер за избор на градежна компанија што ќе гради затворен пливачки базен во Охрид. Со ова започнува реализацијата на долгогодишното ветување за изведба на ваков спортски објект, кој сепак ќе се гради со финансиски средства од државата. Од централниот буџет за оваа намена е проценето дека ќе се одвојат средства во висина од 254.237.288 денари, односно околу 4.100.000 евра. Зданието е зацртано да се простира на површина од 15.000 метри квадратни, со трибини чиј капацитет ќе изнесува над 500 седишта и димензии на базенот од 33 х 22 метри.
Новиот пливачки базен во Охрид ќе се гради во временски период од 30 месеци. Заинтересираните компании имаат рок до 16 јули за да ги достават своите понуди, по што ќе се одлучи која од нив ќе биде избрана за изведувач на работите.
Бојан Блажевски