Претходна статија
„Гранит“ ќе го довршува објектот на Македонската филхармонија
Следна статија
Започна изградбата на минор коритото на Крива Река

Наместо извештај за неправилности, објавен тендерот за изградба на ХЕ „Бошков мост“

Објавено на 18.02.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Без вообичаените најави и официјални соопштенија од владините служби, на веб – страниците на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) и на Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) е објавен меѓународниот повик за прибирање понуди за изградба на хидроелектраната „Бошков мост“. Тендерот е публикуван на крајот од декември минатата година, а рокот за поднесување понуди истекува на 31 март годинава. Како што и веќе беше објавено, енергетскиот проект ќе се реализира преку два засебни тендери, при што со тековниот повик се бара изведувач на градежните работи вклучени во ЛОТ 1, кои се состојат од изградба на камено – насипната брана со височина од 33,8 метри, проточен тунел, лев и десен преносен канал, цевководот „Росоки“, аквадукти и сифони за доведување на водата до тунелот и резервоарите  и останатата пропратна инфраструктура.

 

Според досегашните проценки на ЕЛЕМ, при реализацијата на овој објект ќе се вградат 125.345 метри кубни бетон, 212.142 метри кубни камен материјал, 22.774 метри кубни глина и 12.192 метри кубни филтерски материјал. Инсталираниот капацитет на хидроелектраната „Бошков мост“ ќе изнесува 70 MW, а површината што ќе се потопи со изградбата на акумулацијата изнесува околу 22 хектари. За учество на тендерот неопходно е компаниите да оствариле годишен приход од 40 милиони евра во последните три години, како и докажат дека имаат финансиски средства за да ги реализираат градежните работи во првите пет месеци, односно минимум 10 милиони евра за оваа намена. Заедно со понудата треба да биде доставена банкарска гаранција во висина од 2,3 милиони евра.

 

Ако се остварат ветувањата на раководителите на ЕЛЕМ, изградбата на оваа хидроелектрана би започнала на крајот од годинава и истата би се одвивала до 2016 година. Потребните финансии се во висина од 84 милиони евра, од кои 65 милиони се обезбедени преку заем од ЕБРД, додека останатите 19 милиони евра е предвидено да се пренасочат од буџетот на државната компанија. Хидроелектраната „Бошков мост“ годишно ќе произведува 117,54 GWh електрична енергија, што за споредба е околу 30% помалку во споредба со просечното производство на ХЕ „Козјак“. Пред повеќе од еден месец со меѓународен повик за стопирање на реализацијата на овој проект се огласија 119 научници и македонските еколошки друштва преку „Декларацијата за спас на Националниот парк „Маврово“.