Претходна статија
Владата за годинава најавува реконструкција на 60 училишта
Следна статија
„Квинс“ и „Тинекс“ ќе управуваат со етно - селото во Нерези

Наместо гаража во „барок“, Општина Центар ќе инвестира во ново училиште во Капиштец

Објавено на 12.01.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски достави предлог до Советот на општина Центар за основање на ново општинско училиште во скопската населба Капиштец. За изградба на образовниот објект, општината ќе подигне кредит во висина од 297.750.000 денари, кој нема да биде ново оптоварување на општинскиот буџет – средствата за изградба на „барокна“ катна гаража до зградата на НИП „Нова Македонија“, која беше планирана од претходниот градоначалник Тодоровиќ, ќе се пренаменат за училишниот објект. Општина Центар веќе го раскина договорот за изградба на катната гаража, а подигнатиот заем ќе се искористи за новото основно училиште.

 

 

 

„Новото училиште ќе го носи името „Капиштец“, како истоимената населба. Ќе биде за деца од 6 до 15 годишна возраст, со капацитет од 500 ученици“, соопштуваат од Општина Центар. Објектот со површина од 10.600 метри квадратни ќе се простира на парцела од 3.142 метри квадратни помеѓу улиците „Васил Ѓорѓов“ и „Адам Мицкијевиќ“. Локалната самоуправа во изминативе недели веќе го расчистува теренот од времените објекти на локацијата. Новото основно училиште ќе се гради според идејното решение на авторите Бесиан Мехмети, Стефан Атанасовски, Никола Кунгуловски и Арменд Хебипи.

 

 

 

Од Општина Центар посочуваат дека објектот ќе се гради со висококвалитетни градежни материјали, целосно ќе ги задоволи мерките за енергетска ефикасност и звучна изолација. За учениците е предвидена ботаничка градина, додека во внатрешните простории ќе биде вградено подно греење. Новото училиште ќе има пристап за лицата со посебни потреби, учениците ќе поседуваат таблети и бесплатен интернет во рамките на објектот, додека на професорите ќе им се овозможи одржување на наставата со примена на најсовремена училишна опрема.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk