Вишиот управен суд ја потврди одлуката на Управниот суд од пред два месеци за раскинување на договорот помеѓу Градот Скопје и италијанскиот конзорциум составен од „ФЦЛ Амбиенте“ и „Униеко“, објави телевизијата „24 Вести“. Со оваа одлука и дефинитивно проектот за модернизација на скопската депонија „Дрисла“ се враќа чекор назад. Тужбата пред Управниот суд ја поднесе германската компанија „Шолц“, која како второрангиран учесник на тендерот, тврдеше дека италијанската „ФЦЛ Амбиенте“ е формирана непосредно пред тендерот и дека нема никакво искуство со работа со депонија. Германците преку судскиот процес ги докажаа тврдењата дека избраниот кандидат бил во постапка на стечај и ликвидација, а со тоа не ги исполнувал критериумите на тендерот.
На почетокот од јануари годинава беше потпишан договорот помеѓу Градот Скопје и италијанскиот конзорциум, а две недели подоцна „Дрисла“ од јавно претпријатие беше трансформирана во Друштво со ограничена одговорност, во сооднос 80-20% во корист на италијанците. На тој начин, побечничката компанија ја доби концесијата за управување со депонијата во наредните 35 години. Беше најавено дека во неа ќе се инвестираат 74 милиони евра, ќе се реализира истражувачки процес, кој би резултирал со проект за безбедно одлагање на отпадот. Со овој проект се предвидуваше изградба на фабрика за селекција на отпад со годишен капацитет од 250.000 тони и производство на енергетско гориво, како и фабрика за спалување на отпадот за добивање на топлинска и електрична енергија.