Претходна статија
1.793 домаќинства ќе добијат субвенции за вградени сончеви колектори
Следна статија
Заврши аплицирањето за субвенции за купување печки на пелети во Скопје

Наместо до 2022 година, пругата кон Албанија ќе биде готова до 2030 година

Објавено на 22.11.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески во изјава за телевизија „Сител“ информираше дека е изработен проектот за изградба на железничка пруга од Кичево до албанскиот град Лин. Новата железничка пруга би била изградена до 2030 година, иако претходните рокови на државата беа овој капитален проект да се реализира најдоцна до 2022 година. Изготвувањето на проектната документација чинеше околу 10 милиони евра, а на неа работеше конзорциумот од француската компанија „Луи Берже“ и шпанската „Тиса“.

 

 

Заедно со подготовката на изведбениот проект и дизајнот за изградба на пругата кон Албанија, Градежниот факултет при УКИМ во изминативе две години работеше на ревизија на основниот проект за железничката траса со должина од 62,5 километри. За овој дел од проектот беа издвоени 29,5 милиони денари. Железничката пруга кон Албанија ќе се состои од едноколосечна електрифицирана пруга, која ќе има посебен крак до Охрид. Главната линија ќе минува низ Струга и ќе се поврзува со постојната пруга од албанска страна кај градот Лин. Поради дотраеност на пругата и огромните финансии потребни за санација на целокупната траса, Албанските железници веќе пет години немаат пуштено во сообраќај воз до Подградец и до Лин. Пругата од албанска страна е затворена на потегот од Лин до Елбасан.

 

За изградбата на пругата од Кичево до албанската граница треба допрва да се бараат финансиски средства од меѓународните финансиски институции. Исплатливоста на пругата ќе биде повеќе од очекувана за товарниот и патничкиот железнички сообраќај, земајќи ја во предвид близината на пристаништето во Драч, но и туристичкиот потенцијал на Охридското езеро и можноста за воведување на нови патнички возови кон повеќе дестинации. Оваа железничка пруга е дел од паневроскиот Коридор 8, но се очекува кон оваа пруга да се поврзе и нашиот северен сосед Косово, кој нема изградено железничко поврзување со Албанија.