Претходна статија
Во Македонија нема ниту „З“ од зелена политика во транспортот
Следна статија
Се градат 123 социјални станови, планирани уште 500

Наместо да се гради, охридската автобуска станица предмет на политички препукувања

Објавено на 14.07.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

СДСМ-Охрид денеска излезе со обвинување до Општина Охрид за изградбата на новата автобуска станица во градот. Од опозициската партија посочуваат дека нема ниту трага од почеток на градежните работи за објектот, нагласувајќи дека ветувањето за меѓународната автобуска станица било предизборна лага на ВМРО-ДПМНЕ. „СДСМ и коалиционите партнери долго време укажуваше на тоа дека најдобар модел за ваков проект е моделот на јавно-приватно партнерство, при што локацијата и дел од деловниот простор би останал на градот и неговите граѓани. Очигледна беше намерата оваа атрактивна локација да падне во рацете на фирми блиски до власта“ вели Јован Стојаноски, координатор на советничката група на СДСМ при Советот на општина Охрид.

 

 

 

Од Општина Охрид не дадоа одговор на прашањето кога ќе започне изградбата на најавената автобуска станица. „Веднаш и директно да им одговориме дека продажба на градежно земјиште меѓу кои и локацијата за автобуската станица оди исклучиво според Законот за градежно земјиште, а по претходно спроведен јавен оглас и електронска аукција, работи кои што во времето на владеење на СДСМ беа непознати именки во нивниот лексикон“ реагираа локалните власти од Охрид.

 

Додека тече препукувањето меѓу власта и опозиција, меѓуградската автобуска станица во Охрид останува во истата состојба како и години наназад [»мапа]. Времените монтажни објекти и пероните не се променети и по продажбата на земјиштето што се одржа во мај 2015 година. И по 14 месеци, на терен нема градежни активности за изградба на новиот објект со ветена површина од 58.367 метри квадратни. Сопственик на земјиштето е фирмата „Делфина Турс“ од Скопје, која го купи во мај минатата година по цена од 3.487 денари за метар квадратен, односно вкупно 41.833.540 денари.