Одлуката на македонската влада од пред две години и официјално се потврдува од Јавното претпријатие за државни патишта. Наместо планираниот автопат што требаше да ги поврзува Скопје и Софија, патниот Коридор 8 кон Бугарија ќе се надградува на ниво на експресен пат, со по две коловозни ленти во секој правец. Јавното претпријатие објави оглас за изработка, дополнување и прилагодување на проектната документација за државниот пат А2, на потегот Ранковце – Крива Паланка. Нејзиното комплетирање е влезено во Годишната програма за работа на оваа институција. Со ова промената на стратегијата за изградба на пат од понизок ранг се реализира и на дело.
* Магистралниот пат Куманово – Крива Паланка
Во согласност со владината стратегија за развој на патната инфраструктура, реконструкцијата и надградбата на овој патен правец ќе се одвива во периодот 2014-2015 година, ако не се добијат прифатливи услови за концесија на целата делница од Романовце до Крива Паланка. Приоритет е ставен на делот од Ранковце до Крива Паланка бидејќи коловозот на оваа делница е во многу лоша состојба. За најмногу 18 месеци треба да се изготви проектната документација, по што би следувал градежниот зафат. Изработката на проектот е проценета на 30 милиони денари, без вклучен ДДВ. Одлуката за тоа која компанија ќе го изработи ќе се донесе на 22 април, датум кој е вметнат во објавениот оглас како краен рок за доставување на понудите и за нивно официјално отворање.