Ново девалвирање на архитектонската фела во земјава. Со предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за градење се предвидува советот на општините и советот на град Скопје со одлука да го утврдат изгледот на фасадата на објекти кои се во употреба и кои се наоѓаат во централното подрачје, доколку за тоа сметаат дека е од значење за општината или за главниот град. Со ваквите измени, локалните политичари практично ќе одлучуваат кои објекти во македонските градови се подобни за промена на надворешниот изглед. Поднесувач на законот е Министерството за транспорт и врски, а истиот во текот на денешниот ден го помина првото читање во македонското собрание. Со тоа, измените и дополнувањата во Законот за градење ја продолжуваат натамошната процедура на читање во собранието, пред да се донесе финалната одлука.
Според објавената содржина на законот на веб страницата на Собранието на Р.М., се утврдува и надлежност на Градот Скопје за спроведување на постапка за доградба, надградба и реконструкција на објекти за кои е донесена одлука дека ќе им биде променета фасадата. „Во овој случај инвеститор е општината, општината во градот Скопје или Градот Скопје, а трошоците за изведувањето на градежните работи се обезбедуваат од буџетот на општината“, се наведува во објаснувањето на содржината од одредбите во законот. Доколку се нанесе штета при реконструкцијата на фасадите од објектите што се во сопственост на граѓани или компании, тогаш истата ќе треба да биде надоместена од страна на локалните власти.
Ваквите измени и дополнувања на Законот за градење предизвикаа остри реакции од парламентарците. Јани Макрадули од опозициската СДСМ го нарече Законот за градење како најфашистички закон кој е донесен во Македонија. „ВМРО – ДПМНЕ носи закон со кој ќе ви го преуреди станот со одлука на Совет за да ви стави барокна фасада“, изјави пратеникот Макрадули. За опозициската ДПА предложеното законско решение е неуставно и не треба да се гласа. Наспроти нивните ставови, владејачките партии со позитивни ставови за првичниот текст на законот.
Пратеничката Лилјана Затуроска од ВМРО – ДПМНЕ им реплицираше на опозициските пратеници со ставот дека централното подрачје на секој град претставува дел што треба да биде репрезентативен и е од значење за сите граѓани. Според зборовите на заменик министерот за транспорт и врски Џељаљ Бајрами, може да се менува изгледот на зградите, но не и нивната намена. Средствата за реконструкција на фасади на објекти претходно треба да бидат предвидени во годишната програма за изгледот на објектите. Со 49 гласови „за“ и 12 гласови „против“, измените и дополнувањата на Законот за градење беа испратени во натамошна процедура во собранието.