Претходна статија
Од денеска сите барања за градба ќе се поднесуваат по електронски пат
Следна статија
Отворена изложбата „140 години железница во Македонија“

Над 5,5 милиони евра за изведба на барокна фасада на објектот во кој ќе се сместат ФДУ и државни институции

Објавено на 01.11.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Македонија пред речиси еден месец потпишала два нови договори за довршување на зградата на Факултетот за драмски уметности и на бројни државни институции [»мапа]. Планирано е да се изведат градежни работи за реализација на барокната фасада на ова здание со висина од 25 метри, базирана врз идејното решение на архитектонското биро „Неимар инженеринг“ од Скопје. Од државниот буџет за оваа намена ќе се префрлат 340.685.050 денари или над 5,5 милиони евра, со што вкупната цена на новиот објект лоциран помеѓу Министерството за надворешни работи и црквата Пресвета Богородица досега достигна над 25,2 милиони евра. Рокот за изведба на фасадата е 10 месеци, а на неа ќе работи оперативата на скопски „Бетон“. За изработка и монтажа на фасадни портали, врати и прозорци е задолжена компанијата „Нипром“ од Струмица.

 

За разлика од останатите објекти од проектот „Скопје 2014“, градежните работи на оваа зграда се одвиваат според зацртаното темпо. Бетонската конструкција е целосно завршена, при што објектот речиси е доведен на ниво на карабина. Неговата вкупна површина е предвидено да изнесува 19.134 метри квадратни, во чии простории ќе се сместат Факултетот за драмски уметности, Бирото за судско вештачење, Агенцијата за планирање на просторот, Државниот завод за индустриска сопственост, Националната агенција за европски образовни проблеми, Бирото за регионален развој, Дирекцијата за технолошки индустриски зони, Агенцијата за цивилна воздушна пловидба, Државниот девизен инспекторат, Дирекцијата за спречување на перење пари и дел од Управата за јавни приходи.

 

Градежните работи на овој објект ги изведува компанијата „Гранит“ од Скопје, додека надзорот над работите го врши „Градежниот институт Македонија“. Изградбата на идното седиште на Факултетот за драмски уметности и на дел од државните институции започна на средината од април 2012 година.

 

 

» Форумска дискусија за овој проект