Меѓународната петиција за спас на Охридското езеро од средината на јуни до денес електронски ја потпишале 11.200 лица. Сите тие се спротивставуваат на евентуалното уништување на Охридското езеро и Националниот парк „Галичица“, кои се наоѓаат пред голема опасност поради најавената изградба на туристичките развојни зони во Љубаништа, ски – центарот Галичица, новиот експресен пат Охрид – Св. Наум, како и луксузната населба во Студенчишко блато. Покрај од нашата земја, на електронската петиција, која што ќе се достави до македонскиот премиер Никола Груевски, се потпишани голем број на лица од десетици странски земји, меѓу кои и еминентни универзитетски професори.
„Охридското езеро опстанало милиони години и било сведок на многу нешта, од создавањето на човековата раса и првите цивилизации, преку подемот и падот на византиската империја до независноста на Македонија, но најновите апсурдни планови на македонската влада може да донесат крај за овој редок бисер на природата и за блискиот национален парк“, се истакнува во публикуваниот придружен текст на петицијата. Покрај до премиерот Груевски, потписите од меѓународната петиција ќе бидат испратени и до охридскиот градоначалник Никола Бакрачески. Петицијата ја иницираше Еколошкото здружение на граѓани Фронт 21/42, кое е поддржано од други невладини организации и граѓански иницијативи.
Една од нив, граѓанската иницијатива Ohrid SOS пред само неколку дена објави драматичен повик за спас на Националниот парк „Галичица“. Тие напоменуваат дека со новите измени во Планот за управување со паркот се отстранува досегашниот степен на заштита на најранливите подрачја на планината Галичица. „Вкупната површина на предлог проектот се протега на 324,62 хектари, од кои 310,46 хектари се заштитена површина на Националниот парк. Ова значи незаконска и неприфатлива промена во зоните на заштита во Националниот парк“, истакнуваат од иницијативата Ohrid SOS. Сето ова значи дека ќе се симне нивото на заштита на одредени зони, за да се отвори простор за изградба на мегаломанските проекти најавени од македонската влада.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk