Претходна статија
Македонија станува енергетска колонија на странски компании?!
Следна статија
Повторно тендер за избор на концесионер за етно - селото кај Нерези

На владата и требаат две години да најде концесионер за гасификација на земјава

Објавено на 20.10.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Гасификацијата на Македонија поставена на мртов колосек. На македонската влада и требаат две години за да избере концесионери што ќе ги градат дистрибутивните системи на природен гас во скопскиот регион, во источна и во западна Македонија. Според информациите на телевизија „24 Вести“, за гасификација на општините во земјава ќе мора да се распише нов тендер, од причина што на првиот повик пристигнала само една понуда, со што условите за избор на концесионер не биле исполнети. Од Министерството за транспорт и врски велат дека тендерот за скопскиот регион е во трета фаза на евалуација на постапката, која по барање на една од компаниите е пролонгирана.

 

* Извор на фотографија: Општина Струмица

 

 

Големото ветување за гасификација на сите македонски општини беше дадено уште на крајот од 2013 година. Владата тогаш помпезно најави дека ќе се пронајде странски инвеститор што ќе инвестира минимум 98,4 милиони евра во доведување на гасот во сите 17 општини од скопскиот регион. Обемниот проект треба да се реализира по пат на јавно – приватно партнерство, во кое приватниот инвеститор би бил должен да го проектира, финансира, изгради, одржи, развива и да ја управува во рок од 20 години дистрибутивната гасоводна мрежа во Скопје.

 

Премиерот Никола Груевски даде неостварено ветување во однос на гасификацијата на Скопје во јануари 2014 година. „Изградбата би се одвивала во периодот од 2015 до 2019 година, меѓутоа дел од дистрибутивниот систем за природен гас ќе биде пуштен во работа веќе во 2016 година, изјави Груевски на 29 јануари 2014 година. Во делот на гасификацијата на општините од источна и западна Македонија беа ветени уште поголеми суми. Приватни компании по пат на јавно – приватно партнерство требаше да изградат дистрибутивна гасоводна мрежа долга 650 километри, чија вредност се проценуваше на 150 милиони евра.

 

Процесот на гасификација на македонските општини се одвива со извонредно бавно темпо. Во Скопје досега се гасифицирани само дел од здравствените објекти, основните и средните училишта со проекти на Министерството за здравство, Градот Скопје и Општина Центар. На ниво на целата земја, единствен успешен процес на гасификација во моментов се одвива во општина Куманово и во општина Струмица. Овие две локални самоуправи досега вложија во изградба на десетици километри дистрибутивна гасоводна мрежа, а гасот засега најмногу се користи од тамошните јавни установи.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk