Општина Петровец во печатените медиуми денеска објави оглас за продажба на градежно земјиште со вкупна површина од 47.854 метри квадратни во мултифункционалната зона „Ќојлија“. На домашните и странски инвеститори им се нудат шест парцели со големина од 4.446 до 10.365 метри квадратни за изградба на лесна и незагадувачка индустрија со компатибилни класи на намена. Почетната цена на огласеното земјиште изнесува 120 денари за метар квадратен. Заедно со пријавата, заинтересираните субјекти треба да достават и доказ за уплатен депозит за учество на електронското јавно наддавање најдоцна до 24 јули. Лицитацијата ќе се одржи на 31 јули.
План на парцели во мултифункционалната зона „Ќојлија“
Локалната власт очекува дека од огласеното земјиште во општинската каса ќе се слеат најмалку 93 илјади евра. Оттаму напоменуваат дека досега постоел огромен интерес од инвеститорите за изградба на индустриски и други видови на објекти во зоната Ќојлија. Дел од нив веќе ги започнаа и градежните активности за изградба на објектите. Зоната се наоѓа во непосредна близина на аеродромот „Александар Велики“, автопатот и железничката пруга од Коридорот 10.