Општина Илинден денеска објави оглас за продажба на нови 20 градежни парцели за изградба на семејни куќи во новопроектираната населба „Јака“, на 10-тина километри од централното градско подрачје на Скопје. Површината на парцелите се движи помеѓу 374 и 646 метри квадратни, по цена од 148 денари за метар квадратен. Електронското јавно наддавање е закажано за 14 јуни, а заинтересираните треба да ги достават пријавите за учество најдоцна до 10 јуни. Од Општина Илинден соопштуваат дека досега се продадени 117 градежни парцели во населбата „Јака“.
Од локалната самоуправа појаснуваат дека новата населба во околината на Скопје опфаќа 500 градежни парцели кои се простираат на вкупна површина од 28 хектари. Во рамките на овој простор е предвидено да се изградат семејни куќи, трговски центар, хотели, забавен парк, спортски терени и простор за собир на граѓаните.