Претходна статија
Привршува изградбата на филтер станицата во скопската железарница
Следна статија
Есенва Штип ќе добие зоолошка градина

На почетокот на ноември ќе се знае кој ќе го гради трамвајот во Скопје

Објавено на 04.09.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Градот Скопје повторно го продолжи крајниот рок за доставување на понудите на заинтересираните компании за изградба на трамвај во главниот град. Инвеститорите се должни да ги достават своите понуди до 3 ноември, по што ќе се пристапи кон нивно разгледување и утврдување дали се задоволени пропишаните критериуми од распишаниот оглас за воспоставување на јавно – приватно партнерство. Ваквиот потег претставува втора шанса за компаниите што имаат интерес да влезат како партнери во проектот, откако веќе беше продолжен првичниот рок за доставување на понудите од почетокот на мај со нов кој истече пред два дена.

 

 

 

 

Градските власти денеска не сакаа да дадат одговор за „Билд“ во однос на причините за повторно продолжување на тендерскиот рок, ниту пак беа заинтересирани да одговорат за тоа колку компании ја подигнале тендерската документација за воспоставување јавно – приватно партнерство за проектирање, изградба, финансирање, стопанисување и трансфер на трамвајот во Скопје. Она што се знае е дека пропишаните критериуми од тендерот, кој беше распишан кон средината на јануари годинава, остануваат на сила и понатаму.

 

 

Најповолниот понудувач ќе стопанисува со градскиот трамвај најмногу 35 години од денот на потпишувањето на концесискиот договор. Тој ќе треба да проектира и изгради лесен шински систем за линијата 1 во должина од 12,1 километри и да набави најмалку 22 трамвајски возила. Проценетата вредност на проектот за изградба на трамвај во Скопје изнесува 243 милиони евра. Актуелниот тендер следува по неуспешниот обид за избор на норвешкиот конзорциум „Скурдал и Метнит групација“ во текот на јуни минатата година, кога Градот Скопје утврди дека понудувачот не ги исполнил сите пропишани услови на тендерот.