Претходна статија
ФОТО ВЕСТ: Се расчистува теренот за новата сала на МЗТ
Следна статија
Железницата со значителен пад на бројот на патници и обемот на превезена стока во 2012 година

На местото на топилницата во Велес ќе никне заштитно зеленило

Објавено на 04.03.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Министерството за животна средина и просторно планирање го прифати предлогот на локалната власт од Велес за бришење на велешката топилница од Генералниот урбанистички план на градот. Надлежното министерство во дописот до општината наведува дека нема никаква забелешка за овој потег и дава позитивно мислење за изготвениот Извештај за стратегиска оценка на животната средина. Финалната верзија на овој значаен документ е завршена во текот на февруари, а истовремено советниците од Општина Велес кон средината на минатиот месец го усвоија Нацрт – планот за измена и дополнување на ГУП за Велес. За дефинитивно остварување на намерата за уривање и демонтажа на тополницата во наредните месеци е потребно да се спроведе целокупната постапка за донесување на урбанистичкиот план и суштинските измени во овој документ да се изгласаат од советниците.

 

Фотографии од планскиот опфат и неговата околина (извор: Извештај за стратегиска оценка на животната средина)Во согласност со постоечкиот урбанистички план, огромниот индустриски комплекс опфаќа површина од 20,9 хектари, додека заштитното зеленило е распространето на површина од 17,74 хектари. Со предложеното идно планско решение е предвидено да се посадат дрвенести и грмушести растенија на локацијата на која во моментов се наоѓаат погоните и јаловината. Планот предвидува целосна пренамена на класата на намена на земјиштето и просторот со опфат од 42,97 хектари е предвидено да се озелени, додека на преостанатиот дел од локацијата е зацртано да се изгради сообраќајна и комунална инфраструктура. Иако во текот на подготовката на документацијата беше понудена идејата за изградба на спортски објекти и меморијален комплекс на местото на топилницата, ваквата замисла е одбиена врз основа на добиеното мислење од стручната јавност.

 

Уривањето на топилницата во Велес и посадувањето на растенија на нејзино место треба да влијае на извлекување на тешките метали кои во моментов се наоѓаат во почвата на самата локација. Сепак, главниот проблем за реализација на оваа замисла ќе бидат огромните финансиски средства неопходни за демонтажа на опремата, транспортирањето на јаловината и процесот на озеленување на местото. Од круцијално значење ќе биде и решавањето на прашањето со обесштетувањето на „Метрудхем“, која е сопственик на индустрискиот објект. Во мислењето од ова компанија доставено до општината е наведено дека пред да се спроведе новиот урбанистичкиот план, треба да се решат неколку важни сегменти, меѓу кои и делот за надоместок на штета на „Метрудхем“.

 

Планирањето на изградбата на топилницата во Велес започнало во 1960 година, а овој индустриски капацитет е пуштен во работа во 1972 година. Како еден од мега – проектите на тогашната социјалистичка власт, проекциите биле дека работата на велешката топилница ќе учествува со 30 отсто во вкупниот национален доход на македонското стопанство.

 

 

» Форумска дискусија за велешката топилница