Општина Центар веќе втор ден по ред ја руши незаконски поставената опрема на угостителски објекти лоцирани на улицата „Ленинова“ во строгиот центар на Скопје. Локалната самоуправа ја известува јавноста дека се извршуваат извршните управни акти на овластените градежни инспектори на општината. Станува збор за решенија што се донесени во минатата и на почетокот на оваа година, а се во рамките на акцијата на општина Центар за справување со нелегално поставената урбана опрема.
*Извор на фотографија: Општина Центар
„По бројните жалби на жителите на општината и по донесувањето на решенијата, на засегнатите страни им беше оставен простор од повеќе од 6 месеци самите да постапат и да ги отстранат незаконски поставените објекти. Бидејќи истите тоа не го сторија, општината пристапи кон административно извршување на донесените управни акти“ се наведува во соопштението на општина Центар.
Во изминативе два дена се рушеше поставената опрема на кафе баровите „Бастион“ и „Шејк енд Шејк“. Наспроти ваквите тврдења на општинските власти, од кафе барот „Бастион“ информираат дека поставената опрема се руши без соодветна документација и без да се почитува веќе издадената дозвола од Град Скопје. Општина Центар известува дека во наредниот период ќе продолжи со справување со диво поставената опрема на угостителските објекти во централното градско подрачје. Нивната цел е да се ослободи и нормализира сообраќајот на луѓе и возила низ целата општина.