Градежниот сектор во земјава се соочува со недостиг на специјализирани работници во областа на енергетската ефикасност. Дури 67% од компаниите немаат соодветен кадар кој би требало да се ангажира за применување на мерките за заштеда на енергија кај објектите. Според проекциите за остварување на енергетските цели во секторот високоградба, потребна е обука на најмалку 9.600 вработени во 23 градежни занимања, а со идната примена на критериумите за енергетска ефикасност во градежништвото ќе се зголеми побарувачката на дополнителна работна сила за минимум 10.000 лица. Во националната квалификација на професии е предвидено да се внесат пет нови професии, кои во моментов недостигаат и за кои треба да се спроведат обуки. Помеѓу 20% и 30% од работниците во секторот високоградба треба да се обучат за примена на мерките за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија.
Во делот на енергетиката, Република Македонија треба да направи заштеда на енергија од 9% во споредба со просечната потрошувачка на енергија во периодот 2002 – 2006 година. Во Стратегијата за развој на енергијата до 2030 година е наведено дека овој процент треба да се зголеми на 14,5%. Од јуни 2012 година Македонија е членка на европската иницијатива за подобрување на енергетската ефикасност „Build up skills“.