Проектот „Скопје 2014“ катадневно се преправа во согласност со дневното расположение. По пет години од реализираниот реконструктивен зафат, Градот Скопје повторно ќе го санира осветлувањето на мостот „Мајка Тереза“ кај МАНУ. Финансиските средства во износ од околу 6,3 милиони денари (околу 100.000 евра) се обезбедени од градскиот буџет. Уличното осветлување во текот на ноќните часови одлично функционира на овој мост, па оттука е нејасно зошто повторно ќе се менуваат канделабрите. Претстојниот зафат ќе го изведува фирмата „Бауер БГ“ од Скопје. Новото осветлување е планирано да се постави во рок од четири месеци.
Реконструкцијата и „барокизацијата“ на некогашниот „Мост на револуцијата“ беше комплетирана во мај 2011 година. Тогаш беа санирани бетонските делови на надворешната страна на мостот, заедно со пешачките патеки. На објектот беше поставена кована ограда обоена во златна боја, 22 канделабри и шест рефлектори. Од буџетот на главниот град тогаш се потрошија 27,6 милиони денари за овој проект. Со најновиот зафат, вредноста на реконструкцијата на мостот „Мајка Тереза“ се зголеми на речиси 34 милиони денари.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk