Градоначалниците на Град Скопје и на општината Чаир, Коце Трајановски и Изет Меџити, денеска ги промовираа двете нови трим патеки и уредувањето на Паркот на природата „Гази Баба“. Подолгата патека има должина од 1.200 метри, ширина од 2,6 до 3 метри, во зависност од условите на теренот, и се протега од Природно – математичкиот факултет кон населбата Железара, од страната на Чаир. Оваа патека е покриена со бела ризла, а по нејзината должина се поставени 3 трим станици со фитнес елементи, рекреативен детски елемент, 15 комплети дрвени клупи со масички, чешма за вода и 4 видиковци.
Втората трим патека е со должина од околу 400 метри и ширина од 3 метри, којашто води од Природно – математичкиот факултет до поранешната градинка на Гази Баба. Оваа патека е покриена со асфалт и е осветлена. За осветлувањето се поставени 31 столб со висина од 5 метри и светилки со моќност од 50W. Поставени се и 4 столба со висина од 10 метри, со рефлектори за осветлување на фудбалското и на кошаркарското игралиште. Во овој проект Градот Скопје вложи вкупно 6,6 милиони денари – за изградба на двете трим патеки 3 милиони денари, за рекреативните елементи 1 милион денари, а за осветлувањето 2,6 милиони денари.