Со еден клик на веб – страницата на општина Центар граѓаните можат да имаат увид во секоја градежна парцела и да ги проверат параметрите за градење. Според соопштението од локалната самоуправа, со овој нивен потег досегашните информации за урбанистичките планови од центарот на Скопје стануваат јавно достапни за граѓаните. Со воведувањето на Геоинформацискиот систем (ГИС) во делот на урбанизмот, Центар е првата од македонските општини што ја имплементира оваа новина до овој степен.
Сите детални урбанистички планови се внесени во системот и од базата на податоци со еден клик се вадат изводи од ДУП-овите. Од општината напоменуваат дека се работи и на воведување на ГИС и во другите сектори освен урбанизмот, при што надлежниот сектор од оваа локална самоуправа веќе започна со полнење на базата на податоци.