Комората на овластени архитекти и инженери на Република Македонија на 5 февруари ќе организира стручен семинар со наслов „Урбанизмот во Република Македонија низ делата на архитект Рафаил Влчевски – опус на над 50 годишно работно искуство“. Стручниот семинар ќе го отвори Раководителот на одделот за урбанисти и планери при Комората, при што акцент ќе се стави на излагањето за урбанистичкото планирање во Република Македонија пред нејзиното осамостојување. Во рамките на овој настан ќе бидат изложени дела од урбанистот Рафаил Влчевски. Настанот ќе се одржи во Салата за конференции на Комората, а за учество на стручниот семинар е неопходна претходна регистрација.
Рафаил Влчевски е еден од доајените на урбанистичкото планирање во Република Македонија. Тој е добитник на наградата „Борис Чипан“ на Комората на овластени архитекти и инженери за 2018 година. Во минатото бил директор на Заводот за урбанизам и архитектура на Град Скопје. Рафаил Влчевски учествувал на бројни анонимни архитектонско – урбанистички конкурси, на кои 14 пати бил првопласиран. Тој активно учествувал во изготвувањето на урбанистичките планови за град Скопје, заедно со екипите на Доксијадес од Атина и Полсервис од Варшава, на ГУП – от за Скопје 1964/65 и на ОУП – от за Скопје за 1985 година. Бил раководител и на работниот тим за изготвување на Нацрт – планот за градот Скопје 2002 – 2020 година.