Претходна статија
Со мали трошоци освежете го изгледот на кујната
Следна статија
Почна изградбата на пешачки натпатник меѓу Хиподром и Инџиково

На 26 април референдум за зачувување на ликот на ГТЦ

Објавено на 18.03.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“ ја доби поддршката од општина Центар во идејата за одржување на референдум на 26 април, на која граѓаните ќе одлучат за натамошната судбина на Градскиот трговски центар. „Дали сте за тоа да се задржи сегашниот изглед на фасадата на Градскиот трговски центар?“, ова е референдумското прашање на кое што со ЗА и ПРОТИВ треба да се изјаснат жителите на општина Центар. Градоначалникот на општината денеска информираше дека до општинскиот Совет поднел предлог – одлука за распишување на референдум на локално ниво.

 

 

 

Одржувањето на референдумот во општина Центар ќе чини помеѓу 2 и 3 милиони денари, што е многу помала сума од онаа што е планирана за изведба на „барокната“ фасада на Градскиот трговски центар. Градоначалникот Жерновски посочи дека очекува скопскиот градоначалник Коце Трајановски да го поддржи одржувањето на референдумот за да се слушне и спроведе волјата на граѓаните. Првиот човек на општина Центар нагласува дека во европските земји референдумот е нормална работа и дека во Германија годишно има повеќе од 200 референдуми, додека во Хрватска се одржуваа десеттина референдуми годишно.

 

Од граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“ денеска истапија со став дека референдумот е најдемократски начин на дејствување. Поранешната претседателка на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), Даница Павловска истакна дека се залагаат за обнова на Градскиот трговски центар, но притоа е важно да се зачува неговата автентичност. „Следен наш чекор е предлог да се изготви архитектонски проект за интервенција на објектот, но со научна базичност и висока стручност, низ кој ќе може да му се подобрат перформансите затоа што знаеме дека постои енергетска ефикасност и можни решенија кои можат да ја подобрат неговата суштина“, истакна Даница Павловска. Иницијативата за најавениот референдум ја поддржа и Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ).

 

За поднесената Предлог – одлука за распишување на референдум треба најпрво да се изјаснат советниците од Советот на општина Центар. Во следната фаза, на денот на гласање треба да излезат минимум половина од вкупниот број граѓани запишани во изводот од Избирачкиот список на општина Центар, при што мнозинството граѓани треба да гласаат за зачувување на постоечкиот изглед на Градскиот трговски центар. Од општина Центар посочуваат дека одлуката на референдумот е задолжителна. Советот на општина Центар  е должен во рок од 60 дена по изјаснувањето да донесе одлука за утврдување на изгледот на фасадата на ГТЦ.