Музејот на град Скопје во периодот од 12 до 30 јуни ќе биде домаќин на изложбата „Вечност и миг“, со која ќе бидат претставени најзначајните зданија на Модерната од Полска во периодот меѓу двете светски војни. Изложбата го третира историскиот период меѓу 1918 и 1939 година, во кој архитектурата се исползувала како алатка за формирање на полскиот национален идентитет. Отворањето на изложбата е закажано за 12 јуни, со почеток од 20 часот. Претстојната изложба се организира како резултат на соработката помеѓу Амбасадата на Република Полска во Македонија и Музејот на град Скопје.
Во рамки на свеченото отворање на изложбата ќе биде врачена и архитектонската награда „ТИГРИТЕ“ за најдобар магистерски труд изготвен на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Оваа награда беше востановена минатата година, како резултат на соработката меѓу Амбасадата на Република Полска во Македонија, Архитектонскиот факултет при УКИМ и полскиот архитектонски месечник „Архитектура-муратор“.