Македонски железници – Транспорт потпиша договор за поправка на 40 товарни вагони „Eas“ со велешката фабрика за шински возила „Колска“. Во планот за одржување е предвидено и да се вгради нов метален под на секој од товарните вагони, при што целокупните активности ќе завршат во период од 12 месеци, односно до почетокот на ноември 2013 година. Железничкото претпријатие во реконструкцијата на дел од возниот парк наменет за товарниот сообраќај ќе вложи 29.303.412 денари или речиси половина милион евра. Наредната година се очекува да биде распишан тендерот за купување и на 150 нови товарни вагони, со што значително ќе се подобри капацитетот на МЖ-Транспорт за да одговори на транспортните барања на македонските индустриски капацитети.
Покрај во вложувањето во товарниот железнички транспорт, преку заемот од Европската банка за обнова и развој е планирано да се набават шест дизел и електро моторни гарнитури за задоволување на потребите за патничкиот железнички сообраќај во земјава. МЖ-Транспорт со сопствени финансиски средства годинава обнови и две дизел моторни гарнитури. Првата веќе неколку месеци сообраќа на експресниот воз „Хераклеја“ и ги поврзува Скопје и Битола, додека втората гарнитура „Скопје“ се очекува да биде официјално пуштена во сообраќај наредниве денови. Во двата воза се вградени нови мотори и преносници, систем за видео надзор, систем за детекција на пожар и кражби, информативен систем за најава на станици, бесплатен интернет и телевизори за анимирање на патниците. За прв пат во Македонија, во новиот воз е вграден уред за ладење и греење на патничките вагони.