Претходна статија
Субвенции за пренамена на стари селски куќи во туристички апартмани
Следна статија
Наскоро реконструкција на улицата „Васко Карангелески“ во Аеродром

МЖ ќе работи на ревизија на проектот за пругата Бељаковце – Крива Паланка

Објавено на 02.02.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Наместо да почне со изведба втората фаза од изградбата на пругата кон Бугарија, Македонски железници годинава ќе работи на ревизија на основниот проект за трасата од Бељаковце до Крива Паланка. МЖ-Инфраструктура го избра Градежниот факултет при УКИМ за да ја спроведе ревизијата. За железничката делница Бељаковце-Крива Паланка пред повеќе од две години се обезбедија финансиски средства од 145 милиони евра за почеток на градежните работи, но до денешен ден нема никаква активност на терен. Ревизијата на проектната документација ќе трае 12 месеци, за што ќе се потрошат над 7 милиони денари. Главниот проект за оваа делница го изработи германската консултантска фирма „Обермаер“.

 

 

Хроничното доцнење на изградбата на пругата го става под знак прашање ветувањето дека железничкото поврзување меѓу Македонија и Бугарија ќе биде завршено до 2020 година, краен рок што и претходно беше одлаган од извршната власт. Финансиските средства за изведба на втората фаза од пругата кон Бугарија ги обезбеди Европската банка за обнова и развој, но затоа пак проектната документација се изработи со помош на ИПА фондовите на Европската унија. Првите сигнали дека нешто не е во ред со овој стратешки проект за нашата земја ги даде портпаролката на Европската комисија Маја Коцијанчич во јули 2016 година.

 

Коцијанчич во изјава за медиумите посочи дека железничкиот Коридор 8 нема да ја добие европската поддршка сè до решавањето на настанатите проблеми. „Транспортниот проект кој земјата го поднесе, попознат како Коридор 8, ќе се разгледува штом ќе се адресираат проблемите во тој сектор во поглед на стратегија и координација“ посочи таа. Проектот за изградба на железничка делница Бељаковце-Крива Паланка беше доведен до објавување на меѓународен тендер во 2014 година, но целокупната постапка не е реализирана до денешен ден.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk