Претходна статија
Стариот театар нема да биде завршен до 27 март
Следна статија
Кампот за азиланти во Визбегово ќе се проширува со нов објект

МЖ – Инфраструктура очекува остварување на крупни проекти во наредните месеци

Објавено на 26.03.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Амбициозни проекти чекаат на реализација од претпријатието Македонски железници – Инфраструктура. Во изготвениот работен план за наредните месеци е вметнато започнувањето на неколку важни проекти, но и успешно завршување на реконструкцијата неколку делници од Коридорот 10. Од јавното претпријатие се надеваат дека ремонтот на пругите Куманово – Табановце и Миравци – Смоквица со должина од 24 километри ќе заврши до септември, а во мај ќе стартува реконструкцијата на 30 – километарската делница од Ногаевци до Неготино, при што со реализацијата на овие проекти ќе се подигне брзината на движење на возовите на 120 километри на час. Конкретни градежни работи ќе се изведуваат и на пругата од Коридорот 8. Железничката делница Куманово – Бељаковце во должина од 31 километар ќе започне да се реконструира во средината на 2013 година.

 

Покрај активностите на терен, во претстојниот период е планирано да се завршат и неколку важни документи за натамошен развој на железничката инфраструктура во Македонија. Проектите за реконструкција на делниците Куманово – Дељадровце и Драчево – Велес од Коридорот 10 и пругата Битола – Кременица од Коридорот 10д ќе бидат готови до крајот на годинава. Најдоцна до септември 2013 година треба да се избере консултант кој ќе го изработи основниот проект и тендерската документација за изградба на пругата Кичево – Лин. Идентична постапка ја очекува и источната траса од Коридорот 8, така што конечниот избор на консултантска компанија ќе се заврши до мај.

 

За половина година ќе започне и реконструкцијата на железничките станици долж Коридорот 10, при што прва за реализација е централната станица во Скопје, а потоа и оние во Табановце, Велес, Градско, Неготино, Демир Капија, Гевгелија, Чашка, Богомила, Прилеп и Битола. За зголемување на безбедноста и сигурноста во превозот на патници и стоки со воз, предвидено е годинава да стартува процесот на набавка и инсталација на опрема за глобален систем за мобилни комуникации во железницата и на опрема за европски систем за контрола на брзината на возовите. Рокот на завршување на сите овие проекти е поделен во два дела, при што поголемиот број од нив треба да завршат до крајот на 2015 година. Вредноста на сите зацртани проекти за реализација од Македонски железници – Инфраструктура за оваа и за наредните две години изнесува преку 95 милиони евра.