Претходна статија
ФОТО ВЕСТ: Напредува изградбата на елитната населба „Верина“
Следна статија
Градоначалникот задоволен, стручната јавност со критики за новиот ГУП на Скопје

МЖ доби заем од 50 милиони евра за нови возови

Објавено на 01.10.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) го одобри долгоочекуваниот заем за подновување на возниот парк на Македонски железници – Транспорт. Министерот за финансии Зоран Ставрески, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и директорот на МЖ – Транспорт Оливер Деркоски со претставникот на ЕБОР за Македонија денеска го потпишаа договорот за купување на 4 дизел моторни гарнитури, 2 електро моторни гарнитури, 150 товарни вагони и за реконструкција на 5 до 6 електрични локомотиви. Висината на кредитот изнесува 50 милиони евра, со период на отплата од 15 години и грејс период од три и пол години. Каматната стапка е варијабилна и моментално изнесува 1,44% (1% плус ЕУРИБОР). Во претстојните месеци треба да се објави меѓународен тендер за избор на специјализирана странска компанија која ќе ги  изработи идните превозни средства во железничкиот сообраќај. Според зацртаната динамика, најпрво треба да пристигнат новите товарни вагони кон средината на 2013 година, а македонските граѓани може да ги очекуваат првите патнички гарнитури најрано кон крајот на 2013 година. Со заемот се обезбедени пари и за подобрување на енергетската ефикасност на работилниците за одржување на МЖ – Транспорт и за воведување систем за управување со енергетска ефикасност на ниво на цело претпријатие

 

Процедурата за обновување на возниот парк во железницата е сложена, при што првичната фаза за избор на најповолна компанија трае неколку месеци, по што е потребен рок од минимум една година за изработка на патничките гарнитури. МЖ – Транспорт ќе треба да наведе високи критериуми за техничките карактеристики на идниот возен парк, бидејќи дел од македонските пруги се одликуваат со стрмни нагорнини кои и денес предизвикуваат проблеми во сообраќањето на дел од постоечките возови. Од нејзиното осамостојување, Македонија не успеа да купи ниту една нова локомотива или патнички вагон за железницата. Последен пат се купени четири електро моторни гарнитури во 1986 година, а мал број на патнички вагони од типот UIC-Z2 се набавени во периодот помеѓу 1989 и 1991 година. Најголем сегмент од превозните средства се стари преку 30 години, додека дел од локомотивите достигнуваат старост и до 50 години.

 

Со исклучок на Македонија, Косово и Албанија, во регионот сите земји ја започнаа постапката или веќе го обновија возниот парк на државните железници. Бугарија, Романија и Словенија набавија патнички гарнитури од германскиот производител „Сименс“, Србија и Унгарија го избраа рускиот производител „Метровагонмаш“ при купувањето на дел од превозните средства, додека канадската „Бомбардие“ го обнови возниот парк на Грчките железници. Босна и Херцеговина се одлучи да купи нови вагони од шпанскиот производител „Талго“, граѓаните на Црна Гора ќе се возат во гарнитурите на шпанската фирма „ЦАФ“, а хрватските компании „Кончар“ и „Гредељ“ во моментов работат на идните модерни патнички гарнитури за Хрватските железници.