Претходна статија
Прилеп со нови автобуси и градски линии ќе го развива јавниот превоз
Следна статија
Во Дебар Маало 15 реконструирани улици во изминативе четири години

Музеј на град Скопје домаќин на изложба посветена на Борис Чипан

Објавено на 28.03.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Изложбата „Борис Чипан – по трагите на еден модернист“ ќе биде отворена в четврток (30 март) во Музејот на град Скопје. Изложбата е посветена на еден од најзначајните автори на Модерната во македонската архитектура и истата се одржува по пет години од неговата смрт на 31 март 2012 година. Концептот на изложбата има интенција да го презентира текот на професионалната и животна патека на архитект Борис Чипан, кој зазема значајно место во историјата на современата македонска архитектура со своето творештво во областа на архитектонското проектирање, заштитата на градителското наследство, но и како автор на повеќе книги и универзитетски професор.

 

 

Изложбената поставка е заснована врз материјалите кои се дел од неговата професионална оставина, која од семејството Чипан му беше донирана на Музејот на град Скопје, сублимирана во „Збирка на архитект Борис Чипан“. Куратор на изложбата е Фросина Зафировска, а соработници се Доминика Бошкова, Влатко П. Коробар, Мартин Гулески, Михајло Волкнов, Димитрие Голубовски и Александар Чипан. Во реализацијата на поставката соработуваа Лазо Плавевски и Станимир Неделковски.

 

 

Изложбата „Борис Чипан – по трагите на еден модернист“ ќе ја отвори деканот на Архитектонскиот факултет при УКИМ Минас Бакалчев. Заинтересираните посетители ќе можат да ја посетат самата изложба до 23 април.

 

Борис Чипан – реч за неговиот животен пат и творечки опус