Откриен е идентитетот на индискиот бизнисмен кој ќе ја финансира изградбата на огромното спомен обележје на Мајка Тереза во центарот на Скопје. Се работи за мултимилјардерот Субрата Рој, основач и сопственик на компанијата „Сахара Индија Паривар“, кој моментално престојува во Македонија. Спомен обележјето е вцртано во најновата верзија на Деталниот урбанистички план „Мал Ринг“ која е во процедура на донесување. Предлог планот предвидува здание со површина од 680 метри квадратни и висина од 30 метри, лоцирано на работ на Плоштадот Македонија [»мапа], помеѓу хотелот „Мериот“ кој моментално се гради, и хотелот кој треба да го гради грчкиот бизнисмен Деметрис Кондоминас.
Субрата Рој најави и голема инвестиција во земјава, во областа на производството или нешто што ќе привлекува туристи, но засега не открива повеќе детали.