Изложбата на фотографии инспирани од автентичните скопски фасади ќе биде отворена на 8 мај, вторник, со почеток од 19 часот во Музејот на современа уметност. На настанот „Моја скопска приказна“ ќе бидат изложени избраните најдобри фотографии испратени на истоимениот фото-конкурс, а предвидено е и да се доделат награди на тројцата најуспешни фотографи на автентичните скопски фасади. Изложбата ќе ја отвори амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Самуел Жбогар и Ивана Шекуткоска, организатор на настанот и претставник на Стримон филм.
На прво наградениот фотограф ќе му биде доделена парична награда во износ од 300 евра, втората награда е во висина од 150 евра, додека наградата за третото место изнесува 70 евра. Претстојната изложба и одржаниот фото-конкурс се во организација на Стримон Филм од Скопје, со финансиска поддршка на Делегацијата на Европската Унија во рамки на програмата за одбележување на Европската година на културно наследство 2018.