Претходна статија
Штипски „Бетон“ за три месеци натрупал загуба во работењето од 25,2 милиони денари
Следна статија
Во Тетово отворен првиот хотел на меѓународниот бренд „Mercure“ во земјава

МКЦ со повик за организација на улична галерија во ГТЦ

Објавено на 11.05.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

 

Младинскиот културен центар (МКЦ) распишува повик за избор на 20 авторски цртежи, кои ќе се реализираат во рамки на проектот „Градот е убав“. Повикот е отворен за домашните ликовни уметници и автори од полето на уличната и графити уметност. Идејата е во склоп на еден од најзначајните објекти од современо Скопје – Градскиот трговски центар, да се интегрира првата галерија на отворено, посветена на уличната уметност и графити културата. Целта на оваа интервенција е да се даде простор на домашните автори да реализираат дело посветено на Скопје, кое оваа година одбележува 55 години од обновата по катастрофалниот земјотрес од 1963 година.

 

 

Секој заинтересиран автор може да учествува на конкурсот со една идејна скица – концепт, во една од категориите: 1. Street art или 2. Graffiti. Настанот ќе се реализира на 15 и 16 јуни, а на 17 јуни ќе се случи официјалното отворање на галеријата. Локацијата на настанот е автобуската постојка во склоп на Градскиот трговски центар – Скопје, на потпорниот ѕид во кој ќе бидат формирани 20 полиња за работа.

 

Организаторот за потребите на настанот ќе обезбеди материјали за изработка на делата, фотодокументација и архивирање, изработка на брошура, како и еднакви хонорари за авторите согласно обезбедените средства (20 х 6.100 денари/нето). Постојат 4 различни димензии на полиња, затоа авторите треба да ја земат предвид адаптибилноста на скицата. Точните позиционирања и организација на делата ќе се извршат по изборот на пристигнатите апликации.

 

Електронските апликации на авторите треба да се достават најдоцна до 24 мај на адресата info@mkc.mk. Резултатите од распишаниот повик ќе бидат објавени на 1 јуни. На повикот нема да бидат разгледувани скици со недолична содржина, дискриминаторски пораки и навреди на која било основа. Иницијатор на овој настан е архитектот и уметник Филип Конески, организатори се Младинскиот културен центар, Градскиот трговски центар и Град Скопје. Проектот е дел од програмата CreArt (Network of Cities for Artistic Creation).