Претходна статија
Штипски „Бетон“ за пет пати ја зголемил добивката
Следна статија
Град Скопје и догодина ќе финансира фасади, фонтани и плоштади

Мирува изградбата на објектот „Градска куќа“

Објавено на 06.11.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

По навремената изградба на карабината на објектот „Градска куќа“ под Скопското кале, во изминатиов период не се одвиваат позначајни градежни активности за довршување на идното неокласицистичко седиште на скопската градска администрација. На терен не можат да се забележат екипи што го градат проектот, иако Градот Скопје тврди дека неговата целокупна реализација се одвива според предвидената динамика. „Изградбата на Градската куќа се одвива во рамки на планираната финансиска динамика и приоритетите за реализација на овој и на останатите инфраструктурни проекти“, велат за „Билд“ од Одделението за односи со јавност на Град Скопје. Оттаму не посочуваат дали ќе се испочитува крајниот рок за завршување на градителскиот проект, кој истекува на почетокот од јуни 2015 година.

 

###

 

 

Покрај завршената карабина на објектот, започната е и изведбата на покривната конструкција, која сепак, во изминативе неколку месеци не беше довршена. Според нацрт – буџетот на Град Скопје за 2015 година, за овој проект е предвидено да се издвојат финансиски средства во висина од 80 милиони денари. Засега е нејасно што поконкретно ќе се покрие со оваа сума, бидејќи по градежно – занаетчиските работи ќе треба да следи и ентериерното уредување на неокласицистичкото здание. Целокупната финансиска конструкција на објектот „Градска куќа“ изнесува околу 900 милиони денари, односно речиси 15 милиони евра. Градежните работи на терен ги изведува компанијата „Бетон“ од Скопје.

 

Идното седиште на скопската градска администрација се гради на парцела со површина од 1.274 метри квадратни, на која е предвидено да се подигнат шест надземни и три подземни нивоа. Очекувањата се дека објектот ќе обезбеди работен простор за 650 лица, додека во подземниот простор е планиран паркинг со капацитет за 170 возила. Изградбата на оваа административна зграда покрај реката Вардар се одвива повеќе од три години и истата започна да се реализира на почетокот од јуни 2011 година.

 

 

Бојан Блажевски