Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска изјави дека ќе се разговара со српската министерка за градежништво, сообраќај и инфраструктура Зорана Михајловиќ за да се спречи укинувањето на единствениот меѓународен воз што сообраќа од Скопје кон Белград и Солун. Министерот Сугарески потенцираше дека проблемот не потекнува од македонската влада и Македонски железници, туку од Железници Србија кои се повикале дека линијата е економски неисплатлива. Доколку се оствари ваквиот потег, од 1 октомври македонските граѓани ќе ја немаат можноста да патуваат кон Белград и Солун со воз.
Министерот Сугарески изјави дека е подготвен на нова посета и разговори со Белград за да се задржи меѓународната железничка линија. „Хелас експрес“ ја поврзува македонската метропола со Белград секојдневно со поаѓање од 22:19 часот, додека возот кон Солун поаѓа во 4:45 часот. Укинувањето на железничките линии кон соседна Србија постепено се одвива веќе неколку години наназад. Пред повеќе од пет години, од Скопје кон Белград сообраќаа по три експресни воза дневно, плус дополнителен брз воз кон Ниш, којшто во летните месеци сообраќаше со директни вагони кон црногорските летувалишта Бар и Сутоморе. Во моментов, меѓу Скопје и Белград сообраќаат по десетина автобуси дневно, а оваа автобуска линија е една од оние со најмногу превезени патници во меѓународниот сообраќај.