Претходна статија
Архитектонската изложба СТАВ презентирана и пред битолчани
Следна статија
Свечено отворен плоштадот „Делфина“ во Влае

Министерството за финансии се всели во нова зграда

Објавено на 30.08.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

После четврт век, „вечната карабина“ на поранешна „Југобанка“ во центарот на Скопје [»мапа] конечно е доградена. Објектот сега располага со вкупна корисна површина од 14.000 метри квадратни распоредени на 11 нивоа, доби ново име – „Палата 23 октомври“ и во него се всели Министерството за финансии, вклучувајќи ги Управата за имотно – правни работи и Бирото за јавни набавки. Во зградата има современ прес – центар, конференциска сала, како и современа компјуреска систем сала која ќе овозможи непречено функционирање на Министерството, а пред се на трезорот и буџетот, како витални сектори и на платниот промет.

 

За реализација на проектот беа вложени 15,5 милиони евра. Главен изведувач беше австриската „ЛСГ Билдинг Солушнс“, како проектант фигурира „Неимар инженеринг“, а за стручен надзор и контрола на градежните работи беше ангажиран „ЗИМ“ (Завод за испитување на материјали и развој на нови технологии – Скопје).

 

Изградбата на овој објект, првично проектиран како современо здание со стаклена фасада,  започна во далечната 1987, а работите застанаа во 1990 година. По распадот на Југославија и пропаѓањето на „Југобанка“, сопственик стана Република Македонија, но и после бројните најави низ годините, за довршување на зградата и нејзино ставање во функција, тоа досега не се реализираше. Првиот обид за доизградба на објектот е направен во 2001 година, кога за таа намена беа издвоени 12 милиони тогашни германски марки. Се планираше таму да се вселат царинската управа, комисијата за хартии од вредност, управата за стоковни резерви и даночниот инспекторат. Но воениот конфликт ги попречи плановите и средствата беа пренаменети.

 

Прашањето за доизградба повторно се актуелизираше во 2006 година и тогаш се излезе со податоци дека за таа цел се потребни околу 11,5 милиони евра. Новите простории беа пердвидени за Министерството за финансии со своите органи: управата за имотно – правни работи, државниот девизен инспекторат, дирекцијата за спречување перење пари, генералната дирекција на управата за јавни приходи, царинската управа и бирото за стоковни резерви. Преселба во објектот беше предвидена и на Министерство за надворешни работи.

 

Во периодот 2007 – 2009 година исто така континуирано се најавуваше дека објектот ќе се догради. Најпрвин беа спомнувани различни модели на јавно – приватно партнерство, а на почетокот на 2009 година беше одлучено проектот целосно да го финансира државата од свои средства и градежните работите да почнат во летниот период. Повторната нереализација на проектот беше објаснета со економската криза.

 

Градежните работи конечно почнаа во март 2011 година. За изведувач на работите беше избрана словенечката компанија „Енергоплан“, според проект изработен од „Македонијапроект“, кој беше во стилот на „Скопје 2014“, но различен од проектот според кој се заврши објектот. Тогашните најави беа дека објектот ќе се заврши во првиот квартал од 2012 година. Поради пробивање на роковите, Министерството го раскина договорот со „Енергоплан“ и во јуни минатата година потпиша нов договор со „ЛСГ Билдинг Солушнс“.

 

» Форумска дискусија за овој проект

 

###

###

###

###

###