Новиот возен ред на патничките возови што сообраќаат на македонските пруги ќе започне да се применува на 9 декември. Веќе трета година по ред нема значителни промени во бројот на возовите и во нивното поаѓање и пристигнување во градовите од земјава. Една од новините е укинувањето на еден пар возови што досега сообраќаа на релациите Скопје – Кичево – Скопје и Скопје – Кочани – Скопје. Наредната година на западната железничка магистрала кон Кичево ќе сообраќаат по два пара возови дневно, додека главниот град со Штип и Кочани ќе биде поврзан со еден пар возови дневно. Возниот ред предвидува четири пара возови дневно помеѓу Скопје и Битола, од кои еден пар експресни и три пара патнички возови. По три возови во текот на едно деноноќие се предвидени за задоволување на потребите на патниците на линијата Скопје – Гевгелија – Скопје.
Зголемување на бројот на возовите е предвиден на релацијата Скопје – Куманово – Табановце – Скопје. Во возниот ред е вметнат дополнителен пар патнички возови, со што во текот на едно деноноќие ќе сообраќаат по седум пара возови на оваа релација. Како и досега, најголем број патнички возови се планирани помеѓу Скопје и Велес, односно по десет пара дневно. Во меѓународниот патнички транспорт нема да има никакви промени во текот на наредната година. Потребната железничка врска помеѓу Скопје и Солун и понатаму нема да функционира. Кон Белград ќе сообраќаат два експресни возови, по еден утрински и вечерен, додека помеѓу Скопје и Приштина е планиран еден пар брзи возови дневно. Македонските патници ќе имаат значителни проблеми во превозот со воз на омилените релации во странство со претстојниот меѓународен возен ред, бидејќи се укинуваат поголем број од меѓународните возови што досега сообраќаа од Белград. Од српската метропола кон Загреб и Љубљана ќе сообраќа само еден воз дневно, кон Будимпешта по два пара возови дневно, додека укинати се возовите кон Букурешт, Сараево, Минхен и вечерниот воз за Филах.