Претходна статија
Денови на Орис по трет пат во Белград
Следна статија
Поставени сите десет АСНОМ-ци спроти Собранието

Мерките за енергетска ефикасност задолжителни за сите објекти што ќе се изведуваат во Карпош

Објавено на 15.03.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Извор: Општина КарпошОпштина Карпош денеска го промовираше Правилникот за мерки за енергетска ефикасност, прв документ од ваков вид во Македонија со кој се пропишуваат техничките услови за ограничување на годишната потрошувачка на енергија за греење на објектите на територијата на оваа скопска општина. Предвидено е мерките да важат при изградба на нови станбени и нестанбени објекти, како и при поголема реконструкција на постоечките згради, а ваквите барања не се однесуваат за згради и споменици како специјални архитектонски или историски вредности, верски зданија, времени објекти, станбени објекти чија планирана употреба е пократка од четири месеци во годината и објекти за престој со помала површина од 50 метри квадратни.

 

Како критериум за добивање на одобрение за градење, инвеститорите во основниот проект кој го доставуваат до општината ќе треба да вклучат и Елаборат за градежна физика со кој треба да се докаже дека објектот ги исполнува критериумите зададени во правилникот. Зградите за кои ќе биде приложен доказ дека потребите за греење се помали за најмалку 10% од минималните барања во правилникот, ќе бидат стимулирани со намалување на надоместокот за комуналии за 15% во делот кој и припаѓа на општината, а инвеститорите за дополнителни 5% ќе се ослободат од комуналните давачки доколку објектите користат и некој од обновливите извори на енергија.

 

Мерките за енергетска ефикасност ќе се применуваат во поглед на потрошувачката на енергија, заштедата на греењето, ладењето, техничката изолација на ѕидовите и прозорците и на вградувањето на обновливи извори енергија. Локалните власти од Карпош го исполнуваат потпишаниот договор меѓу земјите од Југоисточна Европа и од ЕУ, со кој треба да се намали емисијата на јаглерод диоксид и потрошувачката на енергија за 20%, но и да се зголеми учеството на обновливите извори на енергија за 20%.