Меркатор не се откажува од изградбата на својот прв трговски центар во Скопје. Во денешното соопштение од компанијата велат дека настанатиот проблем околу земјиштето кај базенот „Младост“ ќе го решаваат во соработка со македонските надлежни институции. Ова следи по вчерашната најава од Министерството за транспорт и врски за раскинување на договорот и одземање земјиштето поради непочитување на роковите од страна на инвеститорот. Од Меркатор велат дека сите досегашни постапки околу проектот ги воделе во координација со надлежните институции и во согласност со македонското законодавство но и дека се работи за долготрајни пропишани процедури и обемната проектна документација. Компанијата од 2005 е сопственик на поголемиот дел од земјиштето планирано за изградба на трговскиот центар, но заради оформување на градежна парцела според ДУП од државата докупи 10.971 метри квадратни.
Меркатор го најавува својот влез во Македонија од 2004 година. По неколку неуспешни обиди со локациите кај НБРМ и кај Скопскиот саем, локацијата кај базенот „Младост“ беше избрана за изградба на првиот „Меркатор центар“ во Скопје. Според тековниот бизнис план, Меркатор планира до 2012 година да освои 5% од македонскиот малопродажен пазар. Компанијата е веќе присутна во земјите од бивша Југославија, Бугарија и Албанија а планира да се прошири и во Косово.