Претходна статија
Заврши реконструкцијата на улицата Благоја Стефковски
Следна статија
Се нуди земјиште за Хотел во Охрид со почетна цена од 1 евро за квадрат

Македонското вклучување во „Јужен поток“ станува поизвесно

Објавено на 02.10.2010 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

По вчерашните разговори со високи претставници на рускиот енергетски гигант „Газпром“, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески изјави дека Македонија е чекор поблиску до вклучување во големиот гасовод „Јужен поток“ и дека останува уште да завршат техничките анализи, а потоа да се потпише меѓудржавен договор со Русија за реализација на проектот. Во опција се повеќе варијанти за тоа каде и како ќе биде изведен приклучокот за земјава и за тоа дали ќе функционира како крак или и како транзитен вод за Албанија и Косово. Треба да биде решено и колкаво количество на гас ќе добие Македонија. Поврзувањето на Македонија со „Јужен поток“ е во тесна врска со подмирувањето на рускиот клириншки долг кон државава и реализацијата на неколку крупни гасификациони проекти во рамки на нашите граници.


Македонија својата гасификација ја започна во деведесетите години на минатиот век, но позначајни ефекти досега изостанаа, меѓудругото и поради долготрајниот спор помеѓу државата и „Макпетрол“ за сопственоста врз гасоводниот оператор „Гама“. Постоечкиот гасовод од Крива Паланка до Скопје во должина од 160 километри има капацитет од 800.000 кубни метри годишно, капацитет кој до неодамна беше многу малку искористен. Но нашите потреби за гас нагло растат и во Владата се надеваат дека дополнителните потребни количини ќе бидат обезбедени преку „Јужен поток“. Владата веќе го има формирано претпријатието „Македонија гас“ кое заедно со „Газпром“ ќе работи на реализација на проектот во Македонија.


„Јужен тек“ е партнерски проект на руски „Газпром“ и италијанската компанија „Ени“. Гасоводот ќе почнува во Џубга, на рускиот брег на Црно Море, а потоа под вода ќе се движи до брегот на Бугарија, на чија територија ќе се двојат двете главни гранки. Едната преку Србија и Унгарија ќе завршува во Австрија и Словенија, додека другата преку Грција и Јонското Море ќе завршува во Италија. Капацитетот на гасоводот ќе биде 63 милијарди кубни метри гас годишно. Се предвидува пуштањето во употреба да биде до крајот на 2015, а реализацијата на проектот да чини помеѓу 19 и 24 милијарди евра.