Претходна статија
Продолжување на рокот за откуп на дворно место
Следна статија
Кредит од ЕИБ за автопатот Демир Капија - Смоквица

Македонските пруги се градат на хартија

Објавено на 01.02.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Рестартирање на изградбата на пругата од Куманово до бугарската граница како дел од Коридорот 8 и реконструкција на повеќе делници од пругата долж Коридорот 10 е главното ветување на Министерството за транспорт и врски и Владата на Република Македонија во новата „Национална програма за железничка инфраструктура 2011 – 2013“, која е доставена до Собранието на Република Македонија.


#Надлежните органи во националната стратегија наведуваат дека пругата од Табановце до Гевгелија е во лоша состојба со старост на колосеците од околу 40 години. „Овие делници процентуално би се зголемувале во број и во должина и најверојатно би имало значително зголемување и на трошоците и последици по приходите на железницата“ се наведува во националната програма. На делниците од Скопје до Кадина Река, на пругата Скопје – Велес, повеќе од 30 години не е извршена реконструкција на праговите и на шините. Во однос на староста на пругите, најкритична е состојбата на делниците на потегот од Градско до границата со Грција, каде речиси без исклучок повеќе од 40 години не е извршена замена на дотраената инфраструктура. Алармантни се податоците кои покажуваат дека околу 80% од целокупната железничка траса на Коридорот 10 е нереконструирана во временски период подолг од 30 години.


Во слична состојба е и пругата на потегот од Велес до Битола. На 85% од целокупната должина на оваа пруга не е извршен ремонт повеќе од 30 години. Во подеднакво лоша состојба е и пругата од Скопје кон Кичево, на која последниот ремонт и е извршен во 1968 година.


Министерството за транспорт и врски планира да ја отпочне изградбата на делницата Куманово – Деве Баир во 2012 година и истата да трае до 2018 година. Во периодот 2011 – 2013 година е планирано да се отпочне со ремонт на делницата од Битола – Кременица (граница со Грција) и реконструкција на делниците Демир Капија – Миравци, Велес – Ногаевци, Драчево – Велес и Куманово – Табановце. Во националната стратегија е предвидено да се надгради и рехабилитира железничката станица во Скопје, како и дел од станиците долж Коридорот 10.



Ветено – неостварено


Приоритетите на владините планови за железницата најчесто остануваат запишани на хартија и неспроведени на дело. Како доказ за ова е „Националната програма за железничка инфраструктура 2008 – 2012“ изготвена од истото министерство во 2007 година. Во периодот од 2008 до 2012 година е предвидена реконструкција на делници од Коридорот 10.  „Подобрување на сегашната состојба на инфраструктурата, во кој ќе се подобри нивото на одржување на инфраструктурата, а со одредени инвестициони вложувања и целокупната состојба во инфраструктурата – обезбедување на брзина на возење од 120 км/час“ се наведува во стратегијата на државата од 2007 година. Попрецизно, во програмата за железничка инфраструктура 2008 – 2012 година е предвиден ремонт на делниците Ногаевци – Демир Капија, Миравци – Смоквица, Куманово – Дељадровце и Битола – Кременица, со што би се зголемила брзината на движење на возовите на 120 километри на час. Случајно или не, и во новата стратегија за 2011 – 2013 година се предвидени истите проекти, што значи дека не е остварен ниту еден од предвидените градежни зафати во периодот од 2008 до почетокот на 2011 година.



Одамна се предупредува за староста на пругите


Експертските критики за староста на македонските пруги биле присутни и пред доаѓањето на сегашната влада. Во изданието на весникот Дневник од 18 март 2006 година се предупредува на застарената железничка инфраструктура. Градежниот инжинер Филип Ивановски во истражувањето од 2006 година пресметал дека 35 отсто од вкупниот број на дрвени прагови се неупотребливи на пругата од Табановце до Гевгелија. Експертите тогаш констатираа дека за десетина години државата ќе може да ја прогласи железницата за технолошки вишок, поради тоа што ќе останеме без пруга. Од тогаш до денес, поминаа цели 5 години, а состојбата речиси и да не е подобрена. Ремонтот на пругите постојано се одолговлекува од година во година, а единствената промена е онаа на раководствата во министерството и во претпријатието Македонски железници.



Бојан Блажевски