Претходна статија
Летово нови плажи на Дојранското и на Преспанското езеро
Следна статија
Реконструкцијата на мостовите на автопатот Велес - Скопје готова до септември 2015

Македонските проекти од Венециското биенале на архитектурата прикажани пред скопјани

Објавено на 13.03.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска вечерва ја прогласи за отворена изложбата „Република Македонија на Венециско биенале за архитектура 2004-2012“. Архитектонската јавност и граѓаните во изложбениот простор на Музејот на град Скопје во периодот до 6 април ќе можат да се запознаат со петте македонски проекти што досега учествуваа на Интернационалната изложба на архитектурата – Биенале во Венеција. Нашата земја за прв пат учествуваше на овој значаен меѓународен настан во 2004 година со проектот „Метаморфоза: од хипер тело до инверзна перспектива“. Веќе со своето второ претставување, во 2006 година се закити со специјална награда од жирото за делото „Град на можни светови“. Креатори на овој уметнички проект беа: Фросина Зафировска – комесар, Влатко Коробар – консултант, Минас Бакалчев и Митко Хаџи Пуља – куратори, Михајло Зиноски, Саша Тасиќ, Димитар Папастеревски, Јован Ивановски и Владимир Петровски – автори.

 

Скопската јавност во претстојните денови од изложбата ќе може да се запознае и со останатите три творби што не претставија како земја во Венеција: „Метамак отсечоци“ (2008), „Учење архитектура“ (2010) и „Архитектура во огледало: секојдневно и возвишено“ (2012). Над 30 професори и архитекти, како и 101 студент од прва година на Архитектонскиот факултет од учебната година 2009-2010 година досега учествуваа со свои проекти на Венециското биенале на архитектурата. Покрај Министерството за култура, свој придонес во претставувањето на Македонија во изминатава декада дадоа Музејот на град Скопје и Архитектонскиот факултет.

 

Заедно со проектите што беа изложени во Венеција, во рамките на оваа архитектонска изложба се презентирани фотографски и видео содржини, на кои е прикажано создавањето на творбите, од почетната идеја на авторите до финалната презентација на биеналето. Покрај Музејот на град Скопје и кураторите на сите досегашни изложби, во конципирањето на изложбата „Република Македонија на Венециско биенале за архитектура 2004-2012“ креативно учествуваа и авторите Бетим Зекири, Никола Стрезовски, Јован Ивановски и Владимир Десков.