Претходна статија
Пропадна обидот за наоѓање инвеститор за затворен базен во Битола
Следна статија
Објавен тендерот за реконструкција на пругата Ногаевци - Неготино

Македонските општини заборавија на поволноста за управување со градежното земјиште

Објавено на 16.01.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

И по една и пол година од истекувањето на официјалниот рок, во Македонија само 42 од вкупно 84 општини управуваат со државното неизградено градежното земјиште. Голем број локални самоуправи не се заинтересирани да ги задоволат неопходните критериуми за да можат да ги продаваат парцелите, од кои ќе ги полнат локалните буџети. Од август минатата година до денес само три општини доставиле барања и ги исполниле условите за да управуваат со градежното земјиште. Министерството за транспорт и врски денеска соопшти дека општините Тетово, Богданци и Центар Жупа во иднина самостојно ќе раководат со државното земјиште, лоцирано на нивна територија и ќе можат да организираат електронски јавни наддавања за парцелите кои сметаат дека треба да се отуѓат.

 

Со последната одлука на надлежното министерство, во Македонија само половина од локалните самоуправи ги менаџираат градежните парцели во државна сопственост. Ако се земе во предвид фреквенцијата на огласите за продажба и закажаните електронски аукции, тогаш вкупната бројка на реално заинтересирани општини е уште помала. Сепак, квалитетно подготвената годишна програма за управување со земјиштето и континуираната работа на лиценцираните општински службеници кај некои од општините покажува позитивни резултати. Еден од ретките примери во оваа насока е општина Илинден, која само во текот на 2012 година успеа да продаде 136 градежни парцели, со вкупна површина од 226.937 метри квадратни. Преку постапката за отуѓување на неизградени локации, тие планираат да ја остварат идејата за реализација на новата населба за домување „Јака“. Официјалниот рок за префрлање на градежното земјиште од државата на локалните власти беше предвидено да трае до 1 јули 2011 година.