Еминентни европски еколошки организации ја критикуваат изградбата на автопатската делница од Смоквица до Демир Капија и хидроелектраната „Бошков мост“ во националниот парк „Маврово“. Инфраструктурните проекти финансирани од европските фондови ќе го загрозат ендемичниот биодиверзитет, констатираат од „Friends of the Earth“, „Euronatur“, „Plantlife“ и од „Internation Union for Conservation of Nature“.
„Автопатот долг 32 километри помеѓу Смоквица и Демир Капија ќе се гради во чиста пошумена област и ќе минува во близина на Демиркаписката клисура , богата со многу ендемични и ретки растителни и животински видови. Клисурата е еден од најбогатите орнитолошки резервати во Европа, а проектот ќе оштети многу живеалишта и еколошки коридори, вклучувајќи го и миграцискиот коридор на кафеавата мечка. Напорите за обнова се двосмислени и не гарантираат соодветен надомест“, се наведува во извештајот на „Friends of the Earth“ и „Bankwatch“. Истражувањето за штетните проекти по животната средина, финансирани со европски пари, анализира 32 проекти во Македонија, Бугарија, Полска, Чешка, Словачка, Унгарија и Естонија.
Речиси идентичен е заклучокот на европските еколози за изградбата на хидроелектраната „Бошков мост“. „Euronatur“, „Plantlife“ и „IUCN“ констатираат дека новиот енергетски објект сериозно ќе влијае врз опстанокот на голем број загрозени видови растенија и животни, потенцирајќи го како пример балканскиот рис. „Големите инфраструктурни проекти, како што е „Бошков мост“ го намалуваат националниот парк на апсурдно ниво. Од една страна, Македонија бара членство во ЕУ, а од друга страна покажува крајно потценување на европското конзервациско право со одобрување на вакви проекти“, се наведува во објавеното соопштение од организацијата.
„Euronatur“ бара од Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) да го повлече ветениот кредит за изградба на овој енергетски објект и напоменува дека локалното население нема да види никаков бенефит од проектот. Наспроти хидроелектраната, еколозите предложуваат алтернативни начини за развој, како што е промоција на локалните производи и унапредување на одржливиот туризам кој ќе создаде нови работни места и ќе го надополни позитивниот имиџ на националниот парк „Маврово“.
Бојан Блажевски