Македонскиот градежен сектор не треба да се грижи за своето работење во наредниот период, барем ако им се верува на податоците објавени од Државниот завод за статистика. Во првите четири месеци од годинава се договорени градежни работи во вредност од нешто над една милијарда евра, односно 63.835.940.000 денари, што е за 65,5% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Овие позитивни цифри се однесуваат на проектите што би се реализирале во иднина, од кои може да се очекува натамошен развој на градежниот сектор.
Во публикацијата „Краткорочни статистички податоци за стопанските движења во Република Македонија“ се објавени резултати од веќе реализираните градежни проекти во периодот јануари – април 2015 година. Голем простор за оптимизам тука не постои, ако се земе во предвид дека вредноста на извршените градежни работи во земјава во периодот јануари – април 2015 година изнесува 6.332.746.000 денари (103 милиони евра), односно истата е намалена за 0,3% во споредба со истиот период лани. Статистичарите пресметале дека извршените ефективни часови во градежништвото во првите четири месеци од годинава се зголемени за 10,2% во споредба со идентичниот период од 2014 година.
Бојан Блажевски